На ден, 23.03.2023г. учениците од нашето училиште, ООУ “Јоаким Крчовски”, Крива Паланка, беа гости во емисијата “Ѕвон” на МРТ и го претставија училиштето во најдобро светло, на тема: “Еколошка пролет”. Преку песни, рецитал, забава, креативни и уметнички способности, покажаа колку посветено и одговорно ја креираат својата иднина и личност, со јасна порака за подигање на еколошката свест кај луѓето и подобрување на квалитетот на животот и опстанокот на сé што е живо на планетата Земја. Истовремено ги истакнаа и освоените награди и проектите кои се работат во нашето училиште, кои сите нé прават особено горди и ни даваат сила да чекориме кон понатамошни успеси.

Програмата беше збогатена со следниве настапи:

  • Учениците Бисера и Ева од VIII и Александар од VII одделение беа задолжени да го претстават нашето училиште преку личната карта на училиштето и проектите во кои учествува ООУ„ Јоаким Крчовски“ .
  • Учениците, Валерија, Илина, Јаков, Ина и Јована од III одд., настапија со рецитал на тема – Еколошка пролет, под менторство на одделенските наставнички Биљана, Елизабета, Александра, Гордана и Снежана.
  • Ученици од VII, VIII, IX одд. направија Еко – модна ревија, на која и претходеше еколошка акција и од собраниот материјал покажаа дека може да се направат уметнички дела. На изработка на моделите работеа 6 тима од по 5 ученика, а во емисијата се претставија 6 модели, Илијана, Лора, Нина, Ива, Мелани и Стефани, кои беа претставени од страна на Невена. Оваа активност беше под менторство на наставничките Георгина и Христина, одговорни на секцијата – Ученички иницијативи.
  • Братот и сестрата, Матеј од V одд. и Меглена од IV одд. настапија во живо на клавир со композиција од современ англиски композитор Елена Девис, насловена “Две глувчиња”, под менторство на наставничката Лариса Жулина Митовски. 
  • Дамјан Митовски ученик во V одд. и Софија Станковска ученичка во IV одд. изведоа песнички со кои имаа настапувано на Кривопаланечкиот детски фестивал, “Распеано симитче, 2022”. Дамјан настапи со песничката под наслов Јутјубер, а Софија ја изведе песничката под наслов Тикток.
  • Во креативните катчиња беа изложени креативни изработки од учениците од V одделение, а нивни претставници во емисијата беа Јоана, Теодора, Ивана, Николија, Игнат, Исидора, Драгана, Мила и Дениција, кои со виткање и обликување на хартија создаваа пиленца, пеперутки, бубамари, пчелки цвеќенца. Оваа активност беше под менторство на нивните одделенски наставници, Биљана, Елена, Биљана, Кристинка и Елизабета.
  • Ликовното катче со своите ликовни техники го збогатија:
  • Анамарија од VII одд. која се претстави со комбинирана техника од темперни бои и сув пастел и Марија од V одд. која се претстави со техника витраж.

Многу искрени насмевки, убави сеќавања, исполнети срца, задоволни лица и среќни дечиња кажуваат за успешноста на овој настан и остварената соработка со уредникот на емисијата Ѕвон, Силвана Бојчева и целиот нејзин тим од МРТ .

Главни организатори и реализатори на овој настан беа наставничките Христина Илиевска и Георгина Велковска.

Голема благодарност до сите кои ни помогнаа да го реализираме ова гостување на Ѕвон, а посебна благодарност, за неизмерната поддршка, упатуваме до директорот на училиштето г-дин Дане Петровски.

Во прилог Ви споделуваме слики од атмосферата за време на подготовките за гостувањето, од самото гостување, како и линк со видео од нашето гостување во емисијата Ѕвон.

Македонската Радио Телевизија (mrt.com.mk)