Младите пијанисти од Крива Паланка од класата на професорката Лариса Жулина-Митовски освоија неколку први награди на првиот интернационален пијано фестивал во Штип, а талентираниот Теодор Смиљков како прворангиран учествуваше и на концертно претставување на втората фестивалска вечер.

-Чест и задоволство ни е на престижниот, првпат одржан фестивал, да се учествува и особено да се добијат награди во конкуренција од бројни европски држави. Голема благодарност до организаторот м-р Марија Максимова за организацијата и посветеност на ваков прекрасен и значаен настан што овозможи уживање во класичната музика и можности младите таленти да се претстават и добијат награди за нивните заложби, истакна професорката Лариса Жулина- Митовски.

Штип викендов беше домаќин на првиот фестивал за млади пијанисти на кој настапија  прворангираните во различни дисциплини на „Golden Piano Talents“ – онлајн натпреварот што опфати над 300 пијанисти од сите континенти.

На двете фестивалски вечери настапија ученици од Велика Британија, Чешка, Полска, Романија, Унгарија, Србија, Црна Гора и Албанија, како и од РС Македонија.

Организатор на фестивалот „Golden Piano Talents’ e Интернационалното здружение за културен развој и едукација „Арт фест“.